Традиционалната културно-туристичка манифестација „Галичка свадба“ 2019-та, годинава ќе се одржува од 12 до 14 јули.

За зет и невеста, Месната заедница Галичник ги избра Огнен Караѓозовски, по потекло галичанец и Марина Петровска. Младенците ќе ја крунисаат својата љубов низ триесетина обичаи коишто се белег на галичкиот крај, негувани и пренесувани со генерации: одење по вода, изведување на ората Невестинско, Тешкото, бричење на зетот и други.

Галичка свадба е најзначајниот настан од Галичкото културно лето и се организира по повод празникот Петровден. Карактеристична е по автентичните свадбарски адети на Галичник и оригинална носијата на невестата, тешка 25 килограми составена од педесетина делови, изработени со филигранска прецизност.

Вечерва на 12-ти јули во Галичник, во предвечерието на Галичката свадба 2019, целовечерен концерт ќе одржи Џијан Емин во соработка со Македонската Филхармонија и Здружението на џез музичари на Македонија.