Македонска делегација, предводена од државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири, денеска во Софија учествува на 5. Министерска конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, а во рамките на бугарското претседателствосо Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE).

На состанокот во Софија, кој годинава се одржува под мотото „Јакнење на културата во функција на одржливиот развој“, покрај делегацијата од нашата земја во која е и генералниот секретар на Националната комисија за УНЕСКО, Билјана Прентовска, учествуваат и делегации од 11 земји членки од регионот. Главна цел на состанокот на регионалната иницијатива, на кој беше усвоена и Декларација, е зацврстување на регионалната соработка во областа на културата со фокус на нејзината улога како моќно средство за одржлив развој и за зацврстување на меѓународната соработка.

Државниот секретар, Валмир Азири, во своето обраќање пред присутните истакна дека виталниот карактер на културата како фактор за креирање инклузивни и кохезивни општества и нејзината сѐ позначајна улога во создавањето одржлив социјален и економски развој се од особено значење и во тој контекст, тој го поздрави ангажманот на партнерите на регионалната платформа и изрази благодарност за поддршката од меѓународните организации – УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа.„Квалитетот на регионалната соработка зависи од дефинирањето на нашите приоритети, и тоа: позиционирањето на културата – културната дипломатија во срцето на меѓународната соработка; втемелувањето на нејзината улога како катализатор за помирување, мир и стабилност; нејзиното сѐ поголемо користење како инструмент за социјална кохезија и економски развој, како и нејзината улога како промотор на културната разновидност и интеркултурниот дијалог’’, рече Азири.

Тој додаде дека усогласувањето на текстот на Декларацијата со актуелните политики, стратегии и приоритети на УНЕСКО, на Европската Унија и на Советот на Европа отвора можност поконкретно да се дефинираат механизмите и инструментите за понатамошната соработка со цел поддршка на одржливиот регионален културен развој, а во насока на дефинирање на регионалниот културен профил во поширокиот европски и глобален контекст.

На маргините на Конференцијата, државниот секретар Валмир Азири оствари билатерална средба со заменик-министерката за култура на Република Албанија, Валбона Шујаку, на која стана збор за продлабочување и развој на нови можности за соработка во делот на културата меѓу двете држави, како и за можноста за отворање центри за култура во Албанија и во Република Северна Македонија. Азири се сретна и разговараше и со својата колешка Мариа Андреадаки-Влазаки, генерален секретар во Министерството за култура и спорт на Грција, при што беа разменети мислења за продлабочување на соработката во делот на културата меѓу двете земји, а упати и отворена покана за посета на нашата земја.

Претседателството на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа во рамките на Регионалната платформа на Југоисточна Европа – КОМОКОСЕ (CoMoCoSEE), следната година го презема Република Хрватска.