Со посетата на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и изјавите на министерот за култура Хусни Исмаили и на министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, денеска заврши Четвртиот форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа чиј домаќин беше нашата држава.

На Министерскиот форум беа разгледани заеднички интереси за натамошно зацврстување на културните врски меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, а беше договорено да се работи на унапредување на културната соработка, како и да се посвети внимание на промоција на културното наследство, продукција и дистрибуција на филм, културни и креативни индустрии, современа уметност и други важни подрачја.

На Форумот беше потврдено основањето на Центарот за координација на културната соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа во Скопје, Република Северна Македонија, во согласност со Декларацијата од Хангџоу за културна соработка (2018-2019), којшто ќе се фокусира на надгледување и на унапредување на културната соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, како и на спроведување на сите усвоени документи, со што ќе се осигури ефикасен процес на соработка.

Беше промовирана и веб-платформата на Центарот за координација на културната соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, која ќе служи како алатка за размена и промоција на информациите од полето на културата и ќе ги олесни комуникацијата, размената на информации и идеи и координацијата меѓу националните културни институции и организации во земјите од Иницијативата „17+1“.

Министрите за култура го поздравија донесувањето на Скопската декларација преку која присутните претставници од земјите од Процесот се согласија за реализација на неколку значајни активности, кои се дел од Планот за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ за следните две години (2020-2021).

Министерот за култура Исмаили информираше за дел од активностите што ќе се реализираат во согласност со Планот, како што е одржувањето на Вториот форум на Унијата на библиотеките меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин следната, 2020 година ќе биде нашата земја. Меѓу другите активности, превидено е следната година за време на одржувањето на светски познатиот меѓународен Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ да се реализира и Работилница за аудиовизуелни уметности за продукција и дистрибуција на филм. Интензивна соработка е предвидена и на полето на културното наследство со можност во наредниот период, 2021 година, РС Македонија да биде домаќин на Третиот форум за културно наследство што ќе се одржи во регионот Пелагонија.

Министрите Исмаили и Шуганг најавија дека во иднина е предвидена соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа и на полето на: музиката, танците, театрите, визуелните уметности и изведбите, како и во областа на креативните индустрии. Тие информираа дека во согласност со Планот, во Охрид следната година треба да се одржи работилница на која ќе се разменат информации за предизвиците со коишто се соочува секторот на културните и креативните индустрии, споделување искуства и практика, како и давање идеи за поддршка, промоција и развој на ова поле.

Исто така, превидено е НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа да соработуваат на полето на музиката изведувана од оркестар, поддржувајќи ја идејата да се здружат најпознатите музичари од сите земји членки на Иницијативата „17+1“ во еден оркестар, кој ќе ги изведува најпознатите симфониски дела на постојните меѓународни фестивали во секоја од земјите од Иницијативата „17+1“.

На Четвртиот форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа беа присутни министри за култура или нивните претставници од: НР Кина, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Летонија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија и, секако, од Република Северна Македонија.

Високите делегации од Иницијативата „17+1“ синоќа присуствуваа на концерт на Националната филхармонија, утринава по разгледувањето на поставката во Археолошкиот музеј и настапот на триото на Тони Китановски, продолжија со разгледување на Старата скопска џамија со своите знаменитости.

Министерот за култура и туризам на НР Кина, Шуганг заблагодарувајќи се на гостопримството и за договорените идни активности од Форумот, рече дека тој ќе биде амбасадор на нашата земја во НР Кина за продлабочување на односите во сите сфери на живеењето.