Да го зачуваме и да го негуваме аудиовизуелното културно наследство

од admin_kult

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, 27 Октомври, сакам да им оддадам почит на Јанаки и Милтон Манаки, кои се вбројуваат меѓу пионерите на светската кинематографија.

Благодарејќи на овие „медиумски чудотворци”, нашата земја и сиот Балкански Полуостров, коишто во почетокот на XX век беа далеку зад западниот свет во развојот на техниките и технологиите, одеднаш се најдоа во авангардата на документарниот филм, а со тоа и во никулците на седмата уметност.

Има една чудна симболика во првиот кадар што го снимиле Јанаки и Милтон, кој ја прикажува како преде нивната 114-годишна баба. Како што може да се прочита во монографијата Манаки од Игор Старделов, што од неодамна е достапна на порталот на Кинотеката на Северна Македонија: „бабата Деспина го врти роданот, а кај нас почнува да се врти филмот. Роданот потсетува на зоотопот (тркалото на животот), којшто, пак, е предвесник на филмот. Сето тоа му дава повеќеслојно значење на овој историски кадар, со кого што започнува нашата кинематографија”.

Само десетина години по изумот на „апаратот за добивање и гледање на хронофотографски отпечатоци” на браќата Лимиер во Франција, браќата Манаки ги снимија своите први филмови и ни оставија незаменливи сведоштва во кои се запишани фрагменти од нашата историја.

Овој вреден дел од нашето културно наследство мора да го чуваме и да го негуваме. Како што препорачува УНЕСКО, меѓународната организација која одлучи во 1980 година да го прогласи 27 октомври за Светски ден на аудиовизуелното наследство: „Главните напори на сите меморијални институции, но и на пошироката јавност, треба да бидат насочени кон тоа да се зачува овој вид наследство и да се направи достапно за публиката”.

Современите медиуми значително придонесуваат за демократизација и популаризација на архивските материјали преку разни дигитални платформи. Со тоа, несомнено, се подигна јавната свест и започнаа голем број проекти за важноста на дигитализацијата и дигиталната реставрација на овој вид културно наследство.

Но не треба да заборавиме дека и дигитализираниот материјал не е вечен и дека многу бргу застаруваат технологиите за негова поддршка. Затоа, реставрацијата и конзервацијата на старите формати, како што се 35-милиметарскиот филм или магнетните ленти, се, исто така, од исклучителна важност.

Нека им е честит 27 Октомври на сите културни дејци што работат во областа на аудиовизуелните уметности.

Ирена Стефоска, министерка за култура

Филмови од браќа Манаки

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе