По премиерата во Босна и Херцеговина пред 20-ина дена, претставата „Отело“ од  Шекспир на македонската режисерка Нина Николиќ вечерва во 20 часот ќе  има скопска премиера во Македонскиот народен театар (МНТ). „Отело“ е копродукција на Босанско народно позориште од Зеница, „Перипетија продукција“ и МНТ.

Во претставата играат актери од БиХ и од Македонија и репликите ги изговараат на мајчин јазик. Според драматургот Тамара Барачков, ова читање на „Отело“ е карактеристично по радикалниот пристап кон Шекспировите јазик и стил. Екипата интервенирала во трансформацијата на јазикот и во преведувањето во современ говор.

Отело го игра Енес Салковиќ, Дездемона е Дарја Ризова, а Јаго е Саша Ханџиќ.

Од македонска страна играат и Ѓорѓи Јолевски, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски и Аксел Мехмед, а од БиХ Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ и Златан Шкољиќ.

Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а музиката на Дуке Бојаџиев. Репризата е утревечер. За следните изведби, засега е познато дека во јануари ќе има две во Зеница, а во Скопје ќе се врати во февруари.