Во конструктивна и пријателска атмосфера, на маргините на Четвртиот форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и од Источна Европа, кој денеска и утре се одржува во Скопје, министерот за култура Хусни Исмаили оствари две билатерални средби – со министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, и со министерот за култура и информирање на Република Србија, Владан Вукосављевиќ.

На средбите беше истакната одличната организација на Форумот за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и од Источна Европа, чиј домаќин е Република Северна Македонија, во чии рамки во периодот што следува ќе се реализираат многубројни активности преку кои ќе се зацврсти соработката меѓу државите на билатерално и на мултилатерално ниво.

На средбите беше поздравено и донесувањето на Декларацијата за идната културна соработка на земјите учеснички во Процесот „17+1“, која содржи и План за соработка во културата за следните две години (2020 – 2021). Беа поздравени работата и заложбите на Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ во Република Северна Македонија кој, од неговото формирање во 2018 година, воспостави комуникација со сите релевантни партнери од сите земји кои учествуваат во Процесот „17+1“.

На средбата со кинескиот министер за култура стана збор за можноста за склучување Договор за реципрочно отворање културни центри меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Народна Република Кина. Двајцата соговорници се согласија дека со отворањето културните центри во двете земји ќе се отворат можности за допополнителна промоција на културата.

Mинистерот за култура Исмаили додаде дека кинеската култура е присутна во Република Северна Македонија преку многубројни содржини кои се реализираат во Институтот „Конфуциј“, во Кинеското катче, а голем е бројот и на гостувањата кои наидоа на одличен прием кај македонската публика. Исто така, и македонската култура преку голем број активности редовно се презентира во Народна Република Кина, меѓу кои беше и неодамнешното неколкудневно гостување на Народниот театар од Битола, како и многу други настани.

Министрите изразија подготвеност, со Извршната програма за соработка во областа на културата за периодот 2018 – 2023 година, која беше потпишана за време на одржувањето на Третиот министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, во периодот што следува да ги продлабочат односите во областа на културата меѓу двете земји.

На средбата меѓу министерот за култура Исмаили и министерот за култура и информирање на Република Србија Вукосављевиќ беа потенцирани квалитетните релации во областа на културата, кои досега резултираа со огромен број проекти и иницијативи во сите дејности од културата.

На средбата беше истакнато дека е од голема важност и иницијативата за формирање културни центри во Република Северна Македонија и во Република Србија, која постои од многу одамна и е резултат на големиот број активности што се реализираат во двете држави. Беше констатирано дека со отворањето на културните центри во Скопје и во Белград, дополнително ќе се популаризираат традицијата, културата и уметноста на двете држави. Министрите за култура се согласија дека е потребен поголем ангажман на двете страни околу реализирањето на целокупната иницијатива.

На средбата стана збор и за потпишувањето на новата програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура и информирање на Република Србија за периодот што следува, преку која ќе се отворат нови можности за меѓуинституционална соработка.

Во рамките на Четвртиот министерски форум за културна соработка, во текот на денов беше промовирана и веб-платформата за соработка меѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина чија цел е комуникација, координација и вмрежување на културни институции, културни работници и уметници од земјите членки на платформата „17+1“.  Истовремено, се презентираше и проектот „Креатон 2019“ – платформа за културен туризам.

Во вечерните часови, учесниците на Министерскиот форум ќе го посетат Музејот на современата уметност во Скопје, а  ќе присуствуваат и на Свечениот концерт на оркестарот на Националната филхармонија.