Стефоска на „Денови на комедијата“ во Куманово: Им благодарам на сите кои од сè срце работат за нашата насмевка, за нашиот аплауз

од admin_kult

– Добре дојдовме на најдобрата терапија за која не треба „мој термин“, не треба упатство од матичен, мислење од специјалист и „рецепт за лек“. Зашто, смеата е лек. Затоа, добре дојдовме на Денови на комедијата – каде, ако не во наше Куманово – рече министерката за култура, Ирена Стефоска, синоќа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово на отворањето на 24. издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“.

Во своето кусо поздравно обраќање, Стефоска истакна дека комедијата е најтешкиот жанр за авторот, но и за актерите.

– Оттаму, им благодарам на сите кои од сè срце работат за нашата насмевка, за нашиот аплауз  –  рече министерката за култура, која потсети дека хуморот некогаш има горчлив вкус зашто низ историјата, големите комедии се напишани во најтешките времиња за човештвото.

– За жал, и сега минуваме низ едно такво тешко време. Светската пандемија и овој живот со маски и дистанца ги променија и нашите лица. Комедијата не е секогаш само смешна. Комедијата е провокативна и сурово поучна. Како ќе ја примиме, зависи од нас – дали со срце, дали со кисела насмевка – додаде Стефоска.

Дваесет и четвртото издание на Деновите на комедијата започна со претставата „Партија реми“ во режија на Виолета Џолева, a во изведба на актерите на Драмскиот театар: Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ-Пановска. На сцената во кумановскиот Центар на култура, синоќа на актерката Стојна Костовска ѝ беше врачено признанието „Васил Иљоски“ за особен придонес во развојот на театарската уметност во земјава.

Вечерва на фестивалскиот репертоар е претставата „Вообразен болен“ на Кумановскиот театар, а ќе бидат изведени и претстави на театрите од Штип, Струмица, како и на театри од Винковци, Приштина, Сараево и Белград.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе