Уметникот Оливер Мусовиќ учествува на изложба во АЦЦ Галерија во Вајмар, на која од денеска до 19 мај ќе бидат претставени дела на  уметници резиденти на 24. Интернационална студио програма во Вајмар во 2018 година.

Изложбата е насловена „Солидарност – сега повеќе од било кога“ и повикува на општествена кохезија над потеклото и верувањата, како метод на спас на светот и предлага решенија базирани на заемна помош и солидарност.

Мусовиќ (1971) се преставува со неколку нови и досега неизложувани дела – две фотографски серии, видео и предлог-локална иницијатива реализирани во Вајмар за време на престојот на резиденцијалната програма, како и неколку постари дела.

На изложбата во АЦЦ Галеријата во Вајмар учествуваат и уметниците Метју МекКарти од Јамајка и Курчи Дасгупта од Непал/Индија, кои имаат и поканети гости. Гости на Мусовиќ на изложбата се членовите на српската уметничка група „Шкарт“ , која се преставува со делото „Мигрантски мапи“ од 2013 година.