Со  традиционалниот маскенбал и изборот на принц и принцеза на Струмичкиот карневал  официјално  започна карневалската забава во градот под Царевите Кули.

Принцот и принцезата на карневалот, брачниот пар Кирил и Билјана Ахтарови  од Струмица, заедно со кралот ја предводеа големата карневалска поворката на Интернационалната карневалска вечер на која учествуваа околу две илјади учесници од земјава и странство, распоредени во 47 групи.

Карневалските празнувања вчера  на Прочка продолжија со Детскиот карневал, а денеска  на Чист понеделник, на плоштадот во Струмица, традиционално се вари и се консумира бел грав.  Денеска ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер,  а вечерва пак во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде  отворена изложба на која ќе бидат доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.

Традиционалното карневалско корзо, посетата на домовите на армасаните (верените) девојки како и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 12 март.

Карневалските празнувања завршуваат на 13 март со одбележувањето на тримерските обичаи и враќањето на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот.