„Пошта на Северна Македонија“ денеска промовираше пригодна поштенска марка илустрирана со ликот на великанот Блаже Конески, дело на академик Димитар Кондовски, а по повод јубилејот 100 години од раѓањето на Конески. Марката е пуштена во оптек во 6000 примероци и е во вредност од 72 денари, а може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.

Министерката за култура Ирена Стефоска, на денешната промоција, на која присуствуваа и генералниот директор на АД Пошта на Северна Македонија, Јани Макрадули, и универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, истакна дека издавањето на марката е само дел од обемната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

– По тој повод, се изработуваат и повеќе логоа, видео за животот и делото на Блаже Конески, веб-анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати на Конески, како и аудиовизуелни спотови со песни, на повеќе јазици. Предвидено е издавање книги, монографии, пригодни академски изданија и зборници посветени на ликот и делото на Блаже Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик и многу други настани – информираше Стефоска.

Таа потсети дека дека неодамна, на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески. Во септември, пак, ќе се реализира чествување на Конески во Риека, Хрватска, и во Галовеј, Ирска, кои се европски престолнини на културата, како и во Софија, соседна Бугарија.

„Токму на одбележувањето на 100 годишнината од неговото раѓање, пред неколку денови не напушти човекот кој најдобро и најдолго го толкуваше Конески, лингвистот професор Трајко Стаматовски. Тој во своето последно интервју ќе рече:

-„Ме инпонираше неговото настојување во секоја акција да се тргнува од резултатноста, а не од манифестноста или парадерството. Придржувајќи се до овој  принцип на Конески, токму резултатноста е целта на неговото чествување. Конески е наша национална гордост. Секој негов збор во исто време е и порака и аманет. Наша должност е да не ги заборавиме и да ги пренесеме“, заврши Стефоска.

– Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е, исто така, и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот туку и кон  сите оние што го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски. На крајот на краиштата, тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата. Затоа во Годината Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции, да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело – рече Пендаровски.

Директорот на Пошта на СМ, пак, верува дека на секој наш сограѓанин, а особено на филателистите, ќе им биде предизвик да ја вметнат марката во сопствената колекција.

– За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива, сите да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други – порача Макрадули.

Промоцијата, која е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

Поштенска марка со ликот на Блаже Конески-обраќање на министерката за култура Ирена Стефоска