Во согласност со  член 65 став 4 од Законот за културата („Службен весник на РМ“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18),  Министерството за култура на Република Северна Македонија денеска, среда (24.02.2021 год.) на својата веб-страница (www.kultura.gov.mk) ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области.

Во таа смисла, и оваа година на објавените конкурси за поддршка на проекти од национален интерес за 2021 година во предвидениот рок (8.10.2020 до 10.11.2020 година) имаше голем одзив, односно во Министерството за култура пристигнаа 4538 апликации, доставени од физички лица, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци-поединци и други правни лица регистрирани во Република Северна Македонија за вршење дејности од областа на културата.

Министерството за култура во 2021 година поддржа проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, заштитата и промоцијата на културното наследство на нашата земја и сето тоа дополнето со проекти од младите и за младите. Особено беше посветено внимание на еднаквата родова застапеност, на инклузијата на лицата со попреченост и на интеркултурниот дијалог.

Критериумите, приоритетите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности, беа содржани во пријавите кои се составен дел на конкурсите. Вреднувањето на проектите и на програмите беше извршено од страна на комисии составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, почитувајќи ги принципите на мултиетничност и непостоење на судир на интереси.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска;  за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски;  за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

Објавените резултати од конкурсите содржат информации за: носителот на проектот, назив на проектот, и одобрените средства за реализација на проектот.

Министерството за култура на Република Северна Македонија ги објавува и резултатите за поддржаните проекти на Повикот за националните установи од областа на културата, објавен во јуни 2020 година, на кој во законски утврдениот рок беа поднесени 1814 пријави за проекти кои се содржани во нацрт-годишните програми за работа на националните установи.

За проектите што се избрани и за проектите што се одбиени на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области се донесуваат решенија.

Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.

За проектите што ќе бидат содржани во годишните програми за работа на националните установи, министерот за култура донесе решенија.

Проектите избрани на годишните конкурси за 2021 година треба да се реализираат до крајот на тековната година.

 

 

 

Скопје, 24.02.2021                                                                                        Министерство за култура

 

БИБЛИОТЕЧНА  ДЕЈНОСТ

 

ДРАМСКА ДЕЈНОСТ

 

ВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ, АРХИТЕКТУРА И ДИЗАЈН

 

ЗАШТИТА НА НЕДВИЖНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО И АУДИОВИЗУЕЛНИ ДОБРА

 

ИНТЕРДИСЦИПЛИНАРНИ ПРОЕКТИ

 

ЛИТЕРАТУРА И ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

 

МЕЃУНАРОДНА  ДЕЈНОСТ

 

МУЗЕЈСКА ДЕЈНОСТ

 

МУЗИЧКА И МУЗИЧКО-СЦЕНСКА ДЕЈНОСТ

 

ФОЛКЛОРНА ДЕЈНОСТ

 

ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ

 

ИНВЕСТИЦИИ