Министерот за култура Хусни Исмаили во Уметничката галерија во Куманово се обрати на отворањето на изложбата „Византиски и поствизантиски сакрални споменици во Кумановско“.

Пред присутните гости, меѓу кои и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, министерот Исмаили истакна дека Куманово – градот на културата за 2019 година – може да се гордее со богатото културно наследство од над 40-ина средновековни храмови.

„Куманово и Кумановско можат да се гордеат со сакралните споменици, односно сите цркви и манастири од византискиот и поствизантискиот период, како и двете џамии од османлискиот период, кои се дел од богатото културно наследство на овој крај“, рече Исмаили.

Тој додаде дека посетителите во наредните денови ќе можат да уживаат во уметноста на сакралната архитектура, дополнета со цртежи од значајни композиции од фрескосликарството, како и од арабеските на џамиите и фрескокопиите од старонагоричкиот храм.