Министерот за култура Хусни Исмаили денеска на Универзитетот „Мајка Тереза“ се обрати на вториот меѓународен научен семинар „Мултикултурализам и интеркултурен дијалог“. Тој во своето излагање пред присутните се осврна на главната тема на семинарот „Културно наследство и интеркултура како патоказ за интеграции и социјална кохезија“.

„Третирањето на културното наследство и интеркултурата, како водич за интеграции и социјална кохезија, во еден хетероген град и со таква разновидност, како што е Скопје, е најсоодветното место за ваква тема“, истакна министерот за култура Исмаили. Тој додаде дека средините каде што има хомогена култура и идентитетска еднослојна традиција се лишени од убавиот вкус што ја создава разновидноста, каде луѓето се запознаваат преку разликите и го вреднуваат или го преиспитуваат нивниот вредносен систем, соочувајќи се со другиот.

Учесниците на семинарот ги поздрави и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Положани, а меѓу другите, свое излагање имаше и академик Луан Старова. Во рамките на настанот се дебатираше и на останатите подтеми: културното наследство и интеркултурата во уметноста и науката, во јазикот и литературата, како и во албанското општество.