Изложба на фотографии насловена „Фото-белешки од Норвешка“ од Драган Тодоровски ќе биде отворена вечер во 19:30 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Покрај изложбата, предвидена е и фото-работилница и дискусија со авторот на изложбата Тодоровски  в сабота на 17 октомври.

Во текстот посветен на изложбата насловен „Носталгија за Северот“, амбасадорот Пајо Авировиќ посочува дека патувањето на кое, со својата изложба на фотографии, не повикува авторот побудува чувство на притаена и смирувачка радост.

-Циниците би рекле: во ова време на Ковид 19 секое патување, па и она виртуелно, низ Норвешка, преку фотографиите на Тодоровски, е само по себе причина за радост. Со тоа што во авторската поставка на нашиот врсен фотограф од дарба и дипломат од кариера, нема ни трунка цинизам, туку обилие од убавина, радост и она што на денешниот човек, каде и да се наоѓа, му е насушно потребно – мир… Таа ни ги приближува огромните простори на далечниот Север, потврдувајќи ја старата вистина дека убавината, онаа дадена од Бога и онаа создадена од рацете на човекот, е безвремена и вечна, но само доколку е во симбиоза. Норвешка е секако можеби и идеален пример за сплотување на природата и човекот, но треба да се има дарба, чувство за миг и остро око за да таа симбиоза се овековечи и сподели со другите. Драган Тодоровски успешно го совладува тој предизвик, на наша радост, вели Авировиќ.

Драган Тодоровски е роден 1962 година. Завршил магистерски студии по меѓународно право и меѓународна политика на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во МНР на Република Македонија е вработен од 1996 година како негов официјален фотограф, Последната деценија работи во Директоратот за билатерални односи со европските држави и е одговорен за земјите од Северна Европа. Во периодот од 2015 до 2018, престојуваше во дипломатска мисија во Кралството Норвешка, извршувајќи ја функцијата Вршител на должност во Амбасадата на Република Македонија во Осло. Оваа изложба е дел од неговите фото-белешки, снимени во тој период.