Министерката за култура Ирена Стефоска денеска во Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија присуствуваше на почетокот на обуката за превод и толкување од македонски на албански јазик и од албански на македонски јазик и обуката на лектори по албански јазик.

Поздравувајќи ја иницијативата, министерката Стефоска рече дека потребата за професионално познавање на јазиците и нивната употреба во јавната сфера е од суштинско значење за функционирање во секојдневниот живот. Од тие  причини, заедничка цел и потреба е подигнување на квалитетот на употребата на јазиците каде што преводот има централно место.

„Грижата за сопствениот јазик значи грижа за најголемото богатство што може да го поседува еден народ. Наша голема одговорност како општество, како граѓани на оваа држава, како политичари, е да ги негуваме јазиците што се зборуваат во Република Северна Македонија. Токму од тие причини, заедничка цел и потреба е подигнување на квалитетот на употребата на јазиците каде што преводот има централно место“, рече министерката за култура.

Таа додаде дека се планира и развивање програма за поддршка на преведувачите за вкрстен уметничка литература, како и поддршка на младите филолози, кои завршиле англистика, романистика и други јазици. Поддршката за обука на лектори по албански јазик, рече Стефоска,  претставува негување на правилниот јазичен израз и од тие причини, Министерството за култура планира да воведе и лиценци за лектори по албански јазик.

 

Започна обуката за превод и толкување од македонски на албански јазик и обратно и обуката на лектори по албански јазик