Министерката за култура Ирена Стефоска денеска во  СОУ „Гоце Делчев“  во Валандово присуствуваше  на завршната конференција за проектот „Свеста за своето Валандово 2020“, преку кој младите ја развиваат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство и традиција.

На конференцијата на која присуствуваа и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, претседател на Институтот „Европа за тебе“  и  Роберт Алаѓозовски, национален координатор во Владата,  министерката  Стефоска го истакна значењето на проектот за запознавањето  на младите генерации со културното наследство на овој регион. Таа рече и дека една од основните цели на Министерството за култура  и Владата на Република Северна Македонија, е токму заштитата на културното наследство.  Во тој контекст Стефоска посочи дека педесет проценти од артефактите кои се наоѓаат во  Археолошкиот музеј се токму од овој крај  и дека од тие причини заштитата на археолошките локалитети и нивното  негување се еден од начините за промоција и развој  на  Валандово.
Проектот „Свеста за своето Валандово“  се спроведува неколку месеци, а финансиски е поддржан  од Министерството за култура со цел образовна промоција на културното наследство на Валандово.