Согласно  член 65 став 4 од Законот за културата („Службен весник на РМ“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18), Министерството за култура  денеска на веб-страницата (www.kultura.gov.mk) ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области.

При одлучувањето за проектите се водеше сметка за соодветно проектирање на приоритетите на Министерството за култура, во насока на поддршка на проекти и активности кои го стимулираат креативниот и уметничкиот потенцијал на сите граѓани на Република Македонија, независно од нивната етничка, верска, идеолошка, политичка, социјална, родова и старосна припадност. На објавените Годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година пристигнаа 5560 пријави, а комисиите предложија поддршка за 2781 проект.

Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.).

Во Годишната програма за 2019 година се рефлектирани и приоритетите на Министерството за култура за соодветна заштита и промоција на културното наследство во согласност со современите европски практики, зајакнување на независниот културен сектор како важен социокултурен чинител, промоција и пласман на културата на Република Македонија во меѓународни рамки, како и реализација на капитални проекти и инвестициски вложувања во Скопје и градовите низ државата.

Категориите, приоритетите, критериумите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности, беа содржани во пријавите кои се составен дел на конкурсите.

Процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите е во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во Буџетот на Република Македонија за 2019 година и бодирањето на стручната комисија од областа. Годинава, за прв пат, е воведено и вредување на проектите преку бодирање, кое транспарентно е објавено заедно со поддржаните проекти.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа сите пристигнати пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство), Вилдане Идризи (библиотечна дејност).

Повикот за националните установи, пак, беше објавен во јуни 2018 година, а во рамките на законски утврдениот рок до Министерството за култура беа доставени 1630 пријави од над 60 национални установи во областа на културата што функционираат под надлежност на Министерството за култура, од кои беа поддржани 910 проекти.

Министерството за култура,  во согласност со законот, ги објавува резултатите од конкурсите кои содржат информации за носителот на проектот, краток опис, период и локација на имплементација, побарана и доделена поддршка од страна на Министерството за култура, како и конкретното бодирање на проектите.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ

За проектите кои се избрани на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области, министерот за култура одлучува по предлог на комисиите, односно надворешните соработници од членот 11 став (4) од Законот за културата, а за нив ќе бидат донесени решенија за проекти кои се поддржани и кои не се поддржани на Годишните конкурси.

Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.

Министерството за култура ќе склучи договор за финансирање проект од национален интерес во културата со субјектите кои се носители на прифатените проекти.

За проектите што ќе бидат содржани во годишните програми за работа на националните установи, министерот за култура ќе донесе решенија. Министерот за култура и директорот на националната установа ќе склучат договор за финансирање на годишната програма за работа на националната установа откако ќе ја донесе директорот, по претходна согласност на Управниот одбор на установата, и тоа во рок од 15 дена од денот на донесувањето на решенијата на министерот.

 

Скопје, 7.2.2019                                                                                       Министерство за култура